Економија Забавена е доставата на нафта во земјава, можно е поскапување

Забавена е доставата на нафта во земјава, можно е поскапување

Девет камиони што превезуваат нафта и нафтени деривати и беа заглавени на граничниот премин Евзони поради штрајкот на грчките земјоделци, се пуштени да влезат во земјава, вели за „Мета“, Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.

– Вчера, со посредство на Канцеларијата за врски на Грција во Скопје, девет камиони ја поминаа границата, а шест останаа да чекаат. Ги пропуштија само оние кои се сметаат за опасни. Засега нема најава кога ќе бидат пуштени другите што останаа – вели Муратовска.

Таа објаснува дека доставата на нафта во земјава не е редовна како претходно, а компаниите се снаоѓаат од каде ќе ја купат и ќе ја донесат во земјава. Можно е, според Муратовска, цената на нафтата да се зголеми поради зголемување на трошоците и користењето на алтернативни патишта за да се донесе.

– Компаниите бараат алтернатива од каде ќе ја купат. Од Грција им беше најблиску и си ги знаеја доставувачите, а сега бараат начини тоа да биде преку Бугарија, што ги чини поскапо – вели Муратовска.

Министерот за економија, Дритон Кучи, на денешната прес-конференција изјави дека контактираат со грчките органи за да се надмине проблемот, бидејќи ја загрозува економската ситуација во земјава.

– Блокадата е внатрешен проблем на Грција и се надевам дека што поскоро ќе се реши. Како надлежен орган, правиме напори да им олесниме на сите што патуваат кон Грција, а не само на транспортерите –  изјави Кучи.

Тој додаде дека Министерството за економија ќе спречи да дојде до каква било нафтена криза.

– Вчера од секторот за енергетика ми укажаа дека веќе треба да се справиме со можната нафтена криза и затоа од денеска ќе ги интензивираме состаноците за надминување на проблемот – рече Кучи.

Камионите што превезуваат нафта и нафтени деривати се најзагрозени помеѓу превозниците кои се заглавени на грчко-македонската граница, бидејќи превозниците на друг вид стока се пренасочуваат кон граничниот премин Дојрани.

Поради блокадата на Евзони, железничкиот превоз e оптоварен и капацитетите на возовите се целосно исполнети.