Македонија За последната фаза од Програмата за зачувување на природата, обезбедени 1,9 милиони...

За последната фаза од Програмата за зачувување на природата, обезбедени 1,9 милиони швајцарски франци

фото: МЖСПП

Меморандум за соработка за спроведување на последната, таканаречена Излезна фаза од Програмата за зачувување на природата во Северна Македонија (ПЗП), потпишаа денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер Техада. Документот треба да придонесе за одржливост на резултатите од ПЗП која се спроведува во изминатите 8 години.

Главната цел е да се даде поддршка на телото за управување со заштитниот предел од Осоговските Планини, на иницијативата за прогласување на Малешево за заштитено подрачје, на НАТУРА 2000 процесот, како и развој и спроведување на шемата за плаќање еко-системски услуги.

„Исклучително е важно да се обезбеди одржливост на постигнатите резултати и спроведените процеси, како и нивно унапредување, а партнерите да можат да ги извршуваат своите должности и задачи самостојно, без поддршка на програмите. Во таа смисла Швајцарија одлучи да ја поддржи последната, т.н. Излезна фаза од Програмата за зачувување на природата“, рече Техада.

Времетраењето на оваа Излезна фаза на ПЗП е 3 години, а за нејзина реализација се обезбедени средства во висина од 1,9 милиони швајцарски франци од Швајцарската Агeнција за развој и соработка. Координатор на Програмата е Фармахем, а главен корисник на резултатите и партнер е МЖСПП.