Македонија За Обвинителството, тврдењата на СДСМ се притисок врз судот

За Обвинителството, тврдењата на СДСМ се притисок врз судот

„Одлуката за поднесување на обвинителниот акт во предметот „Пуч“, како и во сите други предмети, е донесена и се темели само на доказите собрани во текот на истражната постапка, а соопштението на СДСМ, Јавното обвинителство го сфаќа како притисок врз судот“, стои во писмената реакција на Јавното обвинителство на тврдењата на опозицијата дека „одлуката е донесена од Јован Илиевски, баџанак на Сашо Мијалков, и од Марко Зврлевски, директен извршител на власта на Никола Груевски“.

„Надлежниот обвинител истакнува дека донесената одлука е самостојна и ги демантира сите наводи за какви било влијанија врз донесувањето на одлуката. Дотолку повеќе што јавниот обвинител Јован Илиевски, кој му е непосредно претпоставен е и формално изземен од постапувањето по овој предмет, како и по предметите поврзани со актуелните случувања, и по истите нема преземено никакви дејства, така што, ниту тој ниту, пак, повисоките јавни обвинители не се вклучени во постапувањето по споменатите предмети“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Оттаму ги демантираат и тврдењата дека надлежниот обвинител побарал од дел од обвинитетите да ги достават пасошите за да побара замена на притворот со поблага мерка на обезбедување.

Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1, во четвртокот доцна попладне поднесе обвинителен акт за случајот „Пуч“, во кој четвртоосомничен е лидерот на опозцијата, Зоран Заев, кој се товари за насилство спрема претставници од највисоки државни органи.