Македонија За една недела 25 нови заболени од пертусис, од нив тројца се...

За една недела 25 нови заболени од пертусис, од нив тројца се хоспитализирани

Возраста на заболените се движи од 2 месеци до 50 години, а најголем број на случаи се од возрасната група до 4 години

Во периодот од 26 јули до 1 август пријавени се 25 нови случаи на голема
кашлица, информираат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Најголем број од случаите се пријавени во епидемијата во Скопје, а пријавени се и10 случаи од Куманово и по еден случај од Битола и Тетово.

Возраста на заболените се движи од 2 месеци до 50 години, а најголем број на случаи
се од возрасната група до 4 години.

„17 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, 5 се комплетно вакцинирани и три се вакцинирани согласно возраст. Три лица се хоспитализирани. Заклучно со 1 август, во РСМ е регистриран вкупно 981 случај на голема кашлица. Тоа е неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период (2019-2023 година), кога се регистрирани вкупно 10 случаи“, наведено е во извештајот.

За да се превенира појавата на нови случаи на голема кашлица и да се спречи
понатамошно ширење на заболувањето потребно е да се зголеми опфатот со примарната вакцинација со вакцина која ја содржи компонентата против голема кашлица со цел да се достигне препорачаниот од СЗО опфат од 95%, како на регионално и локално, така и на национално ниво.