Македонија За бившиот се најдобро: ТВ „Алфа“ му објави катарзичен последен поздрав на...

За бившиот се најдобро: ТВ „Алфа“ му објави катарзичен последен поздрав на Груевски

Телевизијата „Алфа“ вчера емитуваше чуден портрет на досеганиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски полн со комплименти и во кој „се велича неговиот лик и дело“.

„Не потклекна под силните притисоци за промена на уставното име“, „референдумот за името, е токму негова идеја уште од 2005“, „иако жестоко атакуван од западот, тој ниту за милиметар не се откажа … “, „не попушти ни за спорните одредби во договорот за добро соседство со Бугарија“, „застана и против Тиранската платформа“, „категорично одби населување на 150.000 мигранти од Азија и Африка со што дополнително го навлече гневот на меѓународната заедница“, се само некои од комплиментите.

На крајот од пофалбите му се одава признание дека „одлучил превземајки еден вид морална одговорност за поразот да се повлече од функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ и да ја препушти на некој друг“, но и дека „по објавата на оставката, на последниот јавен настап на протест пред 10 илјадната публика, членството се обиде да го одврати од намерата и да го разубеди да не се повлекува“.

ТВ „Алфа“ катарзично констатира и дека Груевски бил „споредуван со најголемите македонски великани“ и дека бил „воздигнуван и навредуван, признаван и оспоруван, подржуван и напаѓан, но и погрдно нарекуван и споредуван со најцрните личности од историјата“, како и дека тој заминува од лидерската функција „како личност со најголем политички рејтинг на политичката сцена во последните 15 години и неоспорен авторитет во своето време “.