Свет Балкан Вучиќ: Не ме загрижува Харадинај туку молчењето на Европа

Вучиќ: Не ме загрижува Харадинај туку молчењето на Европа

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека го загрижува молчењето на Европа во однос на тоа што во последно време го порачуваат Албанците, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Коментирајќи ја најновата порака што му ја упатил поранешниот лидер на ОВК, Рамуш Харадинај, „да не си игра со Албанците“, Вучиќ на новинарите им изјавил дека на Албанците им подал рака, но тоа нема да го направи со „злосторници и силувачи“.

Тој рекол дека не го загрижуваат „опасни луѓе“ како Харадинај, туку молчењето на Европа во однос на тоа што во последно време порачуваат Албанците, а што не може поинаку да се разбере освен како закана за промена на границите на Балканот.

Вучиќ изјавил дека Србија ќе остане на европскиот пат и дека ќе работи на унапредување на државата, но никого нема да моли за отворање поглавја.

Српските медиуми денеска го пренесоа пишувањето на приштинска „Газета експрес“ дека Харадинај по враќањето од Франција, чијшто суд го одби барањето на Србија за негова екстрадиција, на Вучиќ му порачал „да не си игра со Албанците“.