Подглавна секција Второ претседателство на Трамп е закана за демократијата, предупреди Бајден

Второ претседателство на Трамп е закана за демократијата, предупреди Бајден

Американскиот претседател рече дека карактерот и иднината на САД се загрозени од авторитарните вредности на самонареченото движење на Трамп „Направи ја Америка повторно голема“ (Make America Great Again)

Фото: Joe Biden: Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America (source: Joe Biden); User:TDKR Chicago 101 (clipping)Donald Trump: Shealah Craighead (source: White House)Сombination: krassotkin, CC BY-SA 2.0, Викимедија комонс

Американската демократија е загрозена од одмаздољубивиот Доналд Трамп, предупреди вчера американскиот претседател Џо Бајден пред неговите поддржувачи и пред претстојната кампања за претседателските избори во САД.

Трамп е негов веројатен противник следната година, пишува Гардијан.

Соочен со стагнација на рејтингот и грижи за неговата возраст, американскиот претседател се обиде да ги раздвижи своите поддржувачи и да ги анимира неопределените гласачи со појаснување на опасностите за кои рече дека второ претседателство на Трамп ќе ги предизвика по статусот на САД како дом на водечката демократска влада во светот.

Бајден рече дека карактерот и иднината на САД се загрозени од авторитарните вредности на таканареченото движење на Трамп „Направи ја Америка повторно голема“ (Make America Great Again – MAGA).

„Нешто опасно се случува во Америка. Постои екстремистичко движење кое не ги споделува основните верувања на нашата демократија – движењето МАГА. Историјата нè доведе во ново време на тест“, рече Бајден.

Демократијата, кажа претседателот на САД, значи владеење на народот, не владеење на монархијата, не владеење на пари, не владеење на моќните.

„Без разлика на партија, тоа значи слободни и фер избори, со почитување на исходот – победа или пораз. Тоа значи дека не можете да ја сакате својата земја само кога ќе победите“, истакна американскиот претседател.

И покрај неуспехот на Трамп да го поништи изборниот резултат во 2020 година, Бајден предупреди дека опасноста не поминала, а заканата од насилство „продолжи со несмалено темпо“.

„Демократијата значи отфрлање на политичкото насилство. Без разлика на партија, вакво насилство никогаш, никогаш, никогаш не е прифатливо во Америка. Тоа е недемократско и никогаш не смее да се нормализира за да се добие политичка моќ“, беа коментарите на Бајден како референца за нападот на Капитол Хил од 6 јануари 2021 година.

Екстремистите на МАГА не знаат што зборуваат, додаде Бајден во својот говор одржан на настан во чест на сеќавањето на Мекејн, еден од неговите политички противници и два пати претседателски кандидат на Републиканската партија, кој често пред неговата смрт во 2018 година го критикуваше Трамп.