Економија Вработените треба да ја „отклучат“ креативноста

Вработените треба да ја „отклучат“ креативноста

Вработените треба да ја „отклучат“ својата креативност, а компаниите треба да воспостават систем за менаџирање со идеите, што подразбира собирање и евалуација на новите идеи добиени од сите вработени. Целта е секој вработен, во секое време да може да ја сподели својата идеја за подобрување на производствените процеси во компанијата.

Ова беше истакнато на првата меѓународна тренинг-конференција „Иновативна компанија – како да ја искористите креативноста на вработените и на клиентите“ во организација на Стопанска комора.

– Целта е да се подигне свеста на компаниите за значењето и за квалитетот на човечките ресурси за постигнување успех. Сите вработени се креативни и затоа е потребно нивните идеи да се соберат на едно место и да се искористи нивниот потенцијал. На оваа конференција сакаме да го дадеме својот придонес за премин на македонската економија од економија на ефикасност во економија на иновации – истакна експертот по иновациски маркетинг во „Вижн консалтинг“, Игор Андреев.

Во 2012 година беше донесена Стратегија за иновации и во таа насока почна да функционира и Фондот за иновации, во рамките на кој веќе се пристигнати 76 апликации, а ќе бидат одобрени средства за 30 проекти.

Но, освен средства, на македонските компании им требаат идеи и тимови што ќе ги спроведат, но и ќе имаат комерцијален ефект од новите производи и услуги.