Економија Вработените од „Еурокомпозит“ бараат од Владата да бидат дел од социјалните „пандемиски“...

Вработените од „Еурокомпозит“ бараат од Владата да бидат дел од социјалните „пандемиски“ мерки

Околу 60 вработени во прилепскиот загубар „Еурокомпозит“ бараат владините социјални мерки, донесени во време на пандемијата од корона вирусот да важат и за нив. Тврдат дека не добиле ниту денар веќе 5 месеци, а бидејќи придонеси за здравство не им се плаќаат, немаат ни право на здравствено осигурување.

„Останавме 60 работници. Од декември сме дома, испуштени. Работа нема во фабриката, а нема ни струја, долговите не се платени. На плата никој не ни помислил, ниту некој не побарал. Досега не ни се исплатени 18 плати, но, ние веќе и не мислиме на нив. Директорот нема решение, па сме принудени да бараме начин сега да преживееме во оваа криза. Бараме како вработени во фирма загубар, Владата да не внесе во социјалната програма, да добиеме и ние по две плати. И ние сме луѓе со семејства“, вели Роберт Богданоски, претседател на Синдикатот на овој прилепски загубар.

Во изминатите две години од 240 вработени во „Еурокомпозит“, со новите законски регулативи, за технолошки вишок се прогласени 154 работници.

„Тие добија по 30.000 денари, а на секој посебно треба да му се исплатат уште по 60.000 денари. Другите работници го остварија правото на пензија, но што со нас 60-ина? Ни плати, ни придонеси, ни работа, ниту услови за работа“, реагира Богданоски.

Агонијата на вработените во овој прилепски загубар трае од почеток на транзицијата. Во оваа фабрика во државна сопственост, се менуваат само раководствата, фабриката пропаѓа, работниците живеат во стрес, со минимални плати што им се исплаќаат од време на време, во најголем дел без платени социјални придонеси.