Македонија Војник од кариера и пасиониран иноватор: Кој е новиот началник на ГШ...

Војник од кариера и пасиониран иноватор: Кој е новиот началник на ГШ на АРМ?

Генерал-мајор Методија Величковски на функцијата началник на генералштаб на Армијата на Република Македонија (АРМ) доаѓа од местото командант за Здружената оперативна команда (ЗОК), на кое е назначен во март 2012 година.

Здружената оперативна команда, според описот на мисијата и задачите, е делот од АРМ кој меѓу другото е задолжен за приближување на армијата до стандардите на НАТО.

Во биографијата на Величковски, објавена на интернет-страницата на АРМ, забележливо е дека станува збор за личност кој целиот живот го посветил на воената кариера. Како хоби во биографијата му се наведени читањето и иноваторството, што, по се изгледа му е голема пасија бидејќи има пријавено два, а заштитено еден патент!

Величковски е роден на 11 мај 1966 година во Скопје. Во периодот од 1980 до 1988, во рок завршил Воена гимназија и Воена академија, а своети знаења ги надградувал на школи од областа на одбраната и безбедноста во Германија и Бугарија.

Веднаш по дипломирањето на Воената академија извршувал командни армиски должности, почнувајќи од командир на вод со чин потпоручник, до командант ЗОК, со чин генерал-мајор и сега началник на ГШ.

Одликуван е со официјален медал на Националната гарда на Вермонт, Соединетите Американски Држави (САД) и Официјален медал за Заслуги во Службата под Боите од втор ред, Бугарија.

Зборува англиски, аермански и бугарски.

Оженет е и има две деца.