Македонија Во ВМРО-ДПМНЕ стасале осум пријави од кандидати за претседател на државата

Во ВМРО-ДПМНЕ стасале осум пријави од кандидати за претседател на државата

Во седиштето на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ до вчера се поднесени осум пријави на партискиот конкурс за избор на кандидат за претседател на државата кој ќе ја добие поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, соопшти на прес-конференција партискиот потпретседател Владо Мисајловски.

Тој не ја исклучи можноста бројот на пријави да расте, бидејќи досегашните биле поднесени во архивата на партијата заклучно со крајниот рок, но можно е да стасаат нови кандидатури по пошта. ВМРО-ДПМНЕ распиша конкурс за претседателски кандидат, на кој можеа да конкурираат сите граѓани, а не само партиски членови.

Изборот на кандидатот што ќе ја добие поддршката од партијата во претседателската трка ќе се направи на  16 февруари на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ во Струга. Во вторник ќе се знае кој од пријавените кандидати ги исполниле законските услови, и потоа изборот на најдобриот ќе се прави од овој список. Мисајловски не појасни колку од кандидатите се жени.

– До архивата на партија пристигнати се 8 кандидатури, но конечниот број на апликанти ќе биде познат деновиве со оглед на фактот дека дел од апликациите би можеле да стигнат и по пошта. Сите кандидатури  дополнително ќе бидат разгледани од страна на Комисијата за проверка на законски предвидените услови за кандидат , по што, најдоцна до вторник ќе бидат соопштени и имињата на кандидатите кои ги исполнуваат законските услови за кандидат  – рече Мисајловски.

Сите оние исполнуваат услови, ќе добијат време и простор да ја презентираат својата програма пред општинските комитети и членовите на ВМРО-ДПМНЕ во период од 6 до 16 февруари.

Мисајловски уште еднаш ја повика власта да распише предвремени парламентарни избори заедно со претседателските избори.

– Хаосот кој го предизвикаа во државата не смее да продолжи. Власта која нема направено ништо за државата, а потроши две години од животот на граѓаните треба да си замине  – рече тој.