Главна секција Во ВМРО-ДПМНЕ е вистинската Антикорупциска!

Во ВМРО-ДПМНЕ е вистинската Антикорупциска!

Паралелно со антикорупционерите, кои денеска дадоа свечена изјава пред Трајко Вељаноски, функционира и партиска антикорупциска комисија на ВМРО-ДПМНЕ, за која се вели дека е „Антикорупциска – вистинска“!

Оттаму и сомнежите дали Државната комисија за спречување на корупцијата не е само параван за работата на комисијата за антикорупција што функционира во рамките на партијата на власт.

Во ВМРО-ДПМНЕ главен на оваа комисија е Ванчо Каргов. Неговиот телефон веќе неколку дена е недостапен.

Според неофицијални информации на „Мета“, оваа комисија служи за да го следи работењето на функционерите и на партиските челници. Но, официјално од ВМРО-ДПМНЕ не добивме одговор.

Потврда дека ваква комисија постои, има и на веб-страницата на партијата.

Иако контактиравме со неколку луѓе од владејачката партија, никој не сакаше да ни потврди дали досега некој од функционерите од ВМРО-ДПМНЕ е фатен во нелегален бизнис и во корупција и колку луѓе од партијата се санкционирани и на кој начин.

Не протекуваат ни информации за тоа дали комисијата за антикорупција во ВМРО-ДПМНЕ ги разгледува и истражува случаите што СДСМ ги објавува во „бомбите“ и дали во комисијата знаеле за матниот бизнис на битолскиот градоначалник Владимир Талески и за Коце Трајановски, градоначалникот на Скопје, за кој министерката за внатерешни работи, во една од објавените аудиоснимки, според опозицијата, вели дека е „поддржувач на сите матни зделки“.

Според пишувањата на медиумите во 2013 година, кога Каргов е избран за раководител на оваа партиска комисија, во неа членувале истакнати професионалци, експерти, професори, припадници на академската средина и јавни личности, кои професионално имаат капацитет да придонесат во континуирано унапредување на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, во секоја од овие области.

„Улогата на комисиите на ВМРО-ДПМНЕ е во насока на размена на идеи, следење на светските трендови, примена на позитивни и ефективни политики, континуирано усогласување со политиките и со регулативите на Европската унија, одржување професионални контакти со специфичните организации и здруженија во секоја од областите поодделно и воспоставување директен контакт со граѓаните“, изјавиле тогаш од партијата.