Македонија Во тешка сообраќајка загина едно лице на магистралниот пат Охрид – Кичево

Во тешка сообраќајка загина едно лице на магистралниот пат Охрид – Кичево

Едно лице го загуби животот, а повеќемина се потешко и полесно повредени, во тешка сообраќајна незгода што вчера попладне се случи на магистралниот пат Охрид – Кичево, кај крстосницата со локалниот пат за селото Издеглавје.

– Од повредите, на местото на несреќата починала 74-годишната Даница И. од Охрид, а нејзината смрт е констатирана од медицинска екипа на брза помош. Во сообраќајната незгода тешки телесни повреди добиле Б.Н. (68) и Р.И. (74), двајцата од селото Велмеј, општина Дебарца, кои се задржани на лекување во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид. Полесни повреди добил И.С. (37) од Пробиштип кој, по укажаната медицинска помош во болницата „Св. Еразмо“ е пуштен на домашно лекување – информираат од СВР Охрид.

Сообраќајната незгода се случила така што патнички автомобил „опел астра“ со охридски регистарски таблички директно се судрил со патничко моторно возило марка „мерцедес“ со штипски регистарски таблички.

Увид на местото на несреќата е извршен во присуство на јавен обвинител и на полициски екипи.

Според насоките на јавниот обвинител, врз телото на починатата денеска ќе биде извршена обдукција, како и дополнително вештачење врз автомобилите.