Свет Балкан Во Сплит уапсени шверцери на оружје

Во Сплит уапсени шверцери на оружје

Девет лица вчера биле уапсени на подрачјето на сплитско-далматинската жупанија поради шверц на оружје, пренесуваат хрватските медиуми.

Како што соопштиле од хрватското МВР, станува збор за осум хрватски државјани и за еден Холанѓанин.

Вчерашните апсења уследиле по повеќемесечната истрага на хрватските служби за борба против корупција и организиран криминал во Сплит, во соработка со полицијата на Кралството Холандија. Уапсените се товарат за недозволено поседување, изработка и за трговија со оружје и со експлозивни материи.

Во рамките на криминалистичката истрага, биле извршени повеќе претреси на лица, домови и на возила, при што било пронајдено поголемо количество оружје, муниција и експлозивни средства, кои требало да бидат прошверцувани во Холандија, соопштиле од хрватското МВР.