Економија Во рударскиот сектор не се издаваат концесии за истражување и за експлоатација

Во рударскиот сектор не се издаваат концесии за истражување и за експлоатација

Запирање на добивањето концесии како за истражување така и за експлоатација на минерални суровини е состојба со која се соочува рударскиот сектор, а е последица на моменталната политичка состојба во земјата, оценуваат од Македонската асоцијација на рударството (МАР) при Стопанската комора.

Според претседателот на МАР, Николајчо Николов, индустриското производство кај рударството и вадење камен, за првите три месеци од оваа година споредено со истиот период лани, бележи опаѓање од 1,2 отсто.

Тој истакна дека намалувањето на индустриското производство во рударството, особено кај металите, е последица и на затворањето на двата рудника, Тораница и Злетово.

Недостигот од стручна квалификувана работна сила беше истакнат како дополнителен проблем во оваа индустрија. Проблемот, како што истаканаа од МАР, е во средното образование, кое не продуцира соодветен образовен и квалификуван кадар, кој би бил подготвен веднаш да се вклучи на пазарот на трудот.

Вкупниот извоз на рударството и на производството на неметални минерали изнесува околу 40 милиони долари, додека увозот изнесува околу 90 милиони долари.

Извозот најчесто се остварува во Грција, Бугарија и многу мал дел во Хрватска и во Словенија.

Според податоците, домашниот бруто-производ (БДП) во рударскиот сектор се движи приближно до 1 отсто, со нaдеж дека во иднина ова учество ќе се зголеми, пред сè со најавувањето и за отворање на нови рудници за метали.