Само 15,5 отсто од испуштените отпадни води од индустријата лани биле пречистени [инфографик]

Недозволено загадување на реката Вардар; Фото: Архива на Мета.мк

Негативни бројки за (не)постоењето на соодветен третман на индустриските отпадни води во земјава. По серијата на еколошки инциденти кои се случија изминативе месеци со испуштање на води од индустријата непречистени во реките и езерата, Државниот завод за статистика во официјалниот извештај за 2020 година посочува дека само 15,5 отсто од испуштените отпадни води од индустријата лани биле пречистени.

Најголем дел од непречистените отпадни води од индустријата лани создал секторот „снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација“. Енергетскиот сектор создал најголем дел од непречистените отпадни води, и тоа 1.411 милиони метри кубни. И покрај претпоставката дека најголем дел од овие отпадни води се создадени при работењето на хидроелектраните и други енергетски капацитети кои не ги загадуваат водите при производство на електрична енергија, сепак постојат и капацитети кои можат да предизвикаат загадување на водите. Oвој сектор во природата лани испуштил 215 милиони метри кубни пречистени отпадни води.

Она што е позагрижувачко е работењето на преработувачката индустрија, која лани создала 11 милиони метри кубни отпадни води, од кои дури 8 милиони биле испуштени во водите и езерата како непречистени. И рударството и вадењето руда во 2020 година создало 3 милиони метри кубни отпадни води, од кои како пречистени во статистичкиот извештај се споменуваат 2 милиони метри кубни. Детални податоци за класификација на опасноста од овие испуштени отпадни води нема во статистичкиот извештај, но постојат податоци за тоа каде завршиле отпадните води.

Според статистичките податоци, македонската индустрија лани испуштила вкупно 1.425 милиони метри кубни отпадни води во реките, езерата, акумулациите и подземните води. Притоа, 84,3 отсто од овие отпадни води се испуштени во водотеците, 14,9 отсто завршиле во езерата, додека 0,8 отсто на друга локација.

Покрај статистичките податоци, честите еколошки инциденти во изминативе месеци покажуваат дека грижата за чиста животна средина кај значаен дел од индустријата во земјава е на многу ниско ниво. Пред само неколку дена, беа поднесени кривични пријави за испуштање моторно масло во Дебарското езеро од страна на еден индустриски капацитет од Дебар.

Минатата година во два наврати еколозите во реката Вардар забележаа испуштање црвеникаво-кафеаво обоените води во Скопје, додека минатиот јули во Велес еден тон мазут истече во Вардар од тамошна фабрика за производство на масло. Само неколку недели претходно, во реката Брегалница беше испуштена бела хемикалија, за која се покажа дека не е токсична.

Покрај овие регистрирани инциденти од медиумите, кои првенствено се однесуваат на поголеми индустриски капацитети во земјава, на социјалните мрежи доста често граѓаните објавуваат и други случаи на истекување на индустриски води од помал обем во реките и езерата, коишто очигледно дека не секогаш се предмет на контрола од надлежните власти. За нискиот квалитет на водите и „мртвите“ реки во земјава, „Мета.мк“ во неколку наврати пишуваше. Важно е да се спомене дека граѓаните што забележале вакво загадување на водите треба истото да го пријават како инцидент во Државниот инспекторат за животна средина или во општинските инспекциски служби, како би се утврдил изворот на загадување и штетноста на испуштените материи во водите.