Македонија Во рации во Тетовско и Охрид фатени 99 танчерки, дрога и оружје

Во рации во Тетовско и Охрид фатени 99 танчерки, дрога и оружје

Во трите угостителски објекти биле затекнати вкупно 99 женски лица со потекло од Украина, Русија, Белорусија, Албанија, Косово, Колумбија, Србија, Аргентина, Бугарија, Казахстан и Северна Македонија

Фото: Мета.мк

Во претреси на три угостителски објекти, од кои два на подрачјето на СВР Тетово и еден на подрачјето на Охрид, Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе од Министерството за внатрешни работи (МВР), во координација со Обвинителството за организиран криминал и со судски налог, открила 99 женски лица кои престојувале во земјава спротивно на целта.

Во акциите биле „фатени“ и еден пиштол „Гамо“ со калибар 4,5 мм и една кеса со прашкаста материја, соопшти МВР.

Акцијата е спроведена вчера и денеска. Во трите угостителски објекти биле затекнати вкупно 99 женски лица со потекло од Украина, Русија, Белорусија, Албанија, Косово, Колумбија, Србија, Аргентина, Бугарија, Казахстан и Северна Македонија.

Во угостителскиот објект сопственост на И.И.(26), биле затекнати 50 девојки од Украина, Русија, Белорусија, Албанија и Косово, како и ќеса со дрога, а исто така биле легитимирани 80 гости.

Во угостителскиот објект, сопственост на А.Џ.(26), беа затекнати 36 девојки од Украина, Русија, Белорусија, Албанија, Колумбија, Србија, Аргентина, Бугарија и Северна Македонија, а пронајден е и пиштол, додека легитимирани биле 95 гости во објектот.

При претресот извршен во угостителскиот објект во Охрид, сопственост на Х.А.(34), биле затекнати 13 девојки од Украина, Русија, Белорусија, Казахстан и Северна Македонија, а затекнати и легитимирани биле 47 гости во објектот.

Во однос на затекнатите женски лица кои престојувале спротивно на целта ќе се отпочне со прекршочна постапка пред надлежен суд, а против сопствениците ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, соопшти МВР.