Дописници Во Охрид туристите сепак доаѓаат

Во Охрид туристите сепак доаѓаат

И покрај стравувањата за поголем негативен одраз на политичко-безбедносната состојба врз посетеноста на Охрид, македонскиот туристички центар, сепак, пулсира во релативно успешна туристичка претсезона. Изминатиов викенд во Охрид слета и вториот чартер-лет од Амстердам, а со него и новата група Холанѓани.

Гостите од земјите на Бенелукс, како и Данците, Австријците и Турците се најбројните туристи во Охрид. Има и Полјаци, Кинези, секако, и гости од соседните земји, пред сè, од Бугарија, Албанија и од Грција.

Ако се суди по раздвиженоста во градот, како и пополнетоста на летните бавчи по хотелите, рестораните и на кафулињата, гостите, сепак, не ги откажуваат претсезонските аранжмани и покрај препораките од некои земји да не се патува во Македонија.

Странските тур-оператори засега не ги откажуваат резервациите за Македонија. Има неколку откажани посети на индивидуални групи од Србија и од Бугарија, но затоа има и нови резервации, информираат во локалната самоуправа.

– Со подобрувањето на туристичката инфраструктура и со збогатувањето на туристичкиот производ, се надевам дека Охрид за кратко време ќе стане една од најдобрите дестинации на европскиот туристички пазар – вели Ѓоко Апостолов, раководител на секторот за туризам при локалната самоуправа.

Апостолов очекува бројот на странски туристи во Охрид да се зголемува, имајќи ги предвид новите авиолинии кон Лондон и кон Базел, како и сервисирањето на редовните линии изминативе неколку години.