Дописници Во Охрид се одбележува 20-годишнина од воспоставувањето дипломатски односи со Израел

Во Охрид се одбележува 20-годишнина од воспоставувањето дипломатски односи со Израел

Со отворањето на израелски филмски фестивал и со изведбата на театарската претстава „Нашиот клас“ во Охрид, почнува одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Израел, кое ќе трае од денеска до 21 овој месец, во неколку градови низ земјава.

На 19 јули во Битола ќе се организира изложба во хотелот „Епинал“ и театарска претстава во Народниот театар. Во Скопје, на 20 јули, во просториите на Еврејскиот дом, ќе биде организирана изложба на фотографии од двете земји под наслов ,,Израелско око на Македонија и македонско око на Израел“, а вечерта ќе се одржи свечен прием по повод Денот на независноста на Израел. Одбележувањето на јубилејот завршува на 21 јули во Македонскиот народен театар, со прикажување на претставата „Нашиот клас“ од страна на Израелскиот народен театар.

Активностите по повод јубилејот ги организираат Министерството за надворешни работи на Република Македонија, културната манифестација „Скопско лето“, Еврејската заедница од Република Македонија и Министерството за надворешни работи на Израел.
На свеченостите ќе присуствуваат претставници на дипломатскиот кор и на еврејската заедница во Република Македонија.