Македонија Во Македонија има 13.300 модерни робови

Во Македонија има 13.300 модерни робови

Македонија со 13.300 модерни робови е на европскиот врв според процентот на граѓани кои живеат во т.н. модерно ропство, стои во најновиот извештај за Глобалниот индекс на ропство 2016, кој го објавува австралиската фондација „Вок фри“ (Walk Free Foundation).

Според проценките на експертите за човекови права, во некаква форма на модерно ропство во светот живеат 45,8 милиони мажи, жени и деца, а во индексот се рангирани 167 земји базирано на односот на популација за која се проценува дека живее во модерно ропство.

Македонија, Русија и Турција, се единствените европски земји рангирани меѓу првите 20 со највисок процент модерни робови од севкупното население.

Во Европа, Македонија е на врвот. Проценките на организацијата се дека 0,64 отсто од населението на земјата се третираат како робови. Со тоа, земјата го зазема и високото 18. место на листата на која убедливо води Северна Кореја.

Во групата со Македонија, со сличен процент од населението на листата се Колумбија, Мароко, Перу, Венецуела, Јордан, како и Танзанија, Ангола, Брегот на Слоновата Коска, Нигер, Зимбабве, Чад, Буркина Фасо, Бурунди, Таџикистан.

Прва следна европска земја на листата е Полска, на 24. место, а од регионот најблиску е Босна и Херцеговина со процент од 0,46 отсто модерни робови од вкупното население.