Дописници Во координарани полициски акции, на Шар Планина запленети големи количества дрвна маса

Во координарани полициски акции, на Шар Планина запленети големи количества дрвна маса

Во координирана акција на Шумската и на Граничната полиција, во месноста Плоча на Шар Планина, утринава се одземени околу 100 кубни метри дрва, кои нелегално биле исечени и подготвени за транспорт.

Осомничените за дрвокрадството, успеале да им побегнат на полициските екипи и зад себе оставиле два трактори, моторни пили и друга опрема, со кои ја извршиле нелегалната сеча. Возилата и опремата се одземени и однесени во Полициската станица Теарце.

Месецов, велат од Шумската полиција, зачестени се појавите на дрвокрадство, најчесто на Шарпланинскиот масив над селата Порој и Сетоле, местата Три Води и Ѓинов Камен. Поради тоа контролите на Министерството за внатрешни работи се засилени, при што изминативе неколку недели одземено е големо количество дрвна маса и возила за транспорт на дрва.

Од Шумската полиција се надеваат дека во наредниов период ќе се намали нелагалната сеча, поради забраната за движење во шумските подрачја од 7 до 17 час. Ваквата забрана стапи на сила неодамна за превентивно да се дејствува во намалување на бројот на шумските пожари, за време на летната горештина.