Подглавна секција Во Индонезија не се појавил џиновски октопод, фотографијата е плод на вештачка...

Во Индонезија не се појавил џиновски октопод, фотографијата е плод на вештачка интелигенција

Проверката на Вистиномер откри дека сликата е создадена со помош на вештачка интелигенција (ВИ). Ја пребаравме фотографијата на Гугл и откривме дека таа била споделена на Инстаграм од корисник на сметка наречена „best_of_ai“

Фото: Принтскрин, објава на Фејсбук

Фотографијата не е реална, таа е креирана со помош на вештачка интелигенција, што значи дека не е вистина оти на брегот на Индонезија се појавил џиновски октопод, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме интегрално:

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека џиновски октопод се појавил на брегот на Бали, Индонезија.

Луѓето кои велат дека пространоста на океанот е пострашна од вселената, се во право. Џиновски октопод се појави на брегот на Бали, Индонезија. 4 јуни 2024 година, стои во објавата која споделува и фотографија од наводниот џиновски октопод.

Проверката на Вистиномер откри дека сликата е создадена со помош на вештачка интелигенција (ВИ). Ја пребаравме фотографијата на Гугл и откривме дека таа била споделена на Инстаграм од корисник на сметка наречена „best_of_ai_“, кој себеси се опишува како „Дигитален креатор“. Фотографијата носи наслов  „Тагувањето на титаните“. Притоа, се раскажува приказна за која најдоле пишува дека е фикција, односно измислена.

Овој профил на Инстаграм содржи серија фотографии генерирани со вештачка интелигенција, за кои е видливо дека сите се вештачки создадени, нагласувајќи го експериментирањето на креаторот со различни технологии, теми и стилови на вештачка интелигенција, особено фокусирајќи се на генерирање слики од чудовишта.

Вистиномер ја искористи и алатката HIVE за да ја анализира фотографијата и утврди дека постои 99,9% веројатност дека е генерирана од вештачка интелигенција.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека фотографијата не е реална, таа е креирана со помош на вештачка интелигенција, што значи дека не е вистина оти на брегот на Индонезија се појавил џиновски октопод. Поради тоа, објавата ја оценуваме како неточна.