Македонија Во државата има вкупно 183 амбулантни возила, во просек стари по 11...

Во државата има вкупно 183 амбулантни возила, во просек стари по 11 години

Во земјава има вкупно 183 амбулантни возила, со кои располагаат 47 здравствени институции, открива базата на податоци на сите амбулантни возила, која денеска ја објави Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

„Просечната старост на овие возила се 11 години и дури 53 отсто се добиени како донација или на користење од друга здравствена институција. Најмногу амбулантни возила има во Скопје, 30 и во Охрид и Битола по 12. Следат Велес и Куманово каде што има по 8 амбулантни возила. Двете најстари возила се од 1988 година, а најупотребуваното има поминато дури еден милион и 360.000 километри“, се вели во соопштението.

За споредба со амбулантните возила, министерствата и општините, според базата на податоци што Центарот за граѓански комуникации ја објави во октомври 2018 година, имаат на располагање 2.645 патнички возила, што значи дека на секое 15-то патничко возило доаѓа по едно амбулантно возило.

Базата на податоци е изработена врз основа на добиени одговори на барања за слободен пристап од сите 90 здравствени институции во земјава.