Македонија Во Бугарија од четврток ќе може да патуваат наши државјани, но само...

Во Бугарија од четврток ќе може да патуваат наши државјани, но само со ПЦР тест

Фото: Photo by Mufid Majnun on Unsplash

Македонското Министерство за надворешни работи (МНР) денеска соопшти дека по интензивната комуникација со МНР на Бугарија е преиначена вчера соопштената одлука, со која Бугарија ја спушти рампата за државјаните на државава почнувајќи од 19 јануари, освен за одредени категории, како медицинските лица, хуманитарните работници, студентите, лицата со регулиран престој, делегациите и слично.

Според новата одлука, иако Северна Македонија продолжува да биде во т.н. Црвена зона, сепак се укинуваат ограничувањата за влез за неесенцијални потреби, односно влезот е дозволен. Таков влез ќе биде дозволен не од утре, туку од задутре, се наведува во соопштението на македонското МНР.

Како услов за влез во земјата, вклучувајќи ги и вакцинираните граѓани и прележаните од ковид-19, секој државјанин на Македонија што сака да влезе во Бугарија ќе мора да приложи негативен ПЦР тест не постар од 72 часа.

Според бугарските прописи, во Бугарија ќе може да се влезе со приложување на валиден сертификат за вакцинација против ковид-19 или сертификат за прележана болест, но тие се прифаќаат само заедно со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа.

За влез на малолетни лица од 12 до 18 години, исто така е задолжителен негативен ПЦР тест.