Македонија Во Брвеница се одржува Меѓународна изложба на украсни птици и животни

Во Брвеница се одржува Меѓународна изложба на украсни птици и животни

На десетата државна изложба на украсни птици и животни, која се одржува денеска во Брвеница, посетителите можеа да погледнат околу 430 вида украсни животни, претежно гулаби, папагали, фазани и зајачиња. Изложбата има натпреварувачки карактер. Организатор на манифестацијата е здружението „Дијамантски петел“ од Тетово. На изложбата учетвуваа претставници од повеќе градови од земјава, а свое учество зедоа и Сојузите на одгледувачи на украсни птици и животни од Босна и Херцеговина и од Бугарија.

– Ние оваа година дојдовме да дадеме поддршка за развојот на Македонскиот сојуз на украсни птици и се надевам дека ќе успееме во тоа. Дојдовме да ги пренесеме нашите искуства и знаења, затоа што ние долги години сме членки на Европскиот сојуз, а имаме искуство во организирање изложби. Во нашата земја има голем број одгледувачи и секоја година нивниот број се зголемува – изјави Един Јабанџиќ, претседател на Сојузот за огледување и за заштита на мали животни на Босна и Херцеговина.

Здружението „Дијамантски петел“ ја организира изложбата во соработка со Македонскиот сојуз на здруженија на одгледувачи на украсни птици и животни и со Општина Брвеница.

– Задоволство ми е што сум гостин на Македонскиот сојуз. Изложбата е добро организирана, има добри птици. Се надевам дека нашите пријатели од Македонскиот сојуз ќе присуствуваат на изложбите во Бугарија, имаат покана за државната изложба во декември – рече Калин Костов, преставник од Бугарија.

Изложбата на украсни птици продолжува и утре, кога ќе бидат доделени наградите.