Македонија Внимавајте на домашните миленици: Почна авионско фрлање вакцинални мамки за лисици

Внимавајте на домашните миленици: Почна авионско фрлање вакцинални мамки за лисици

На целата територија на земјава, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови почна фрлањето од авион на 500 илјади вакцинални мамки со кои се врши вакцинација на лисиците против беснило, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Агенцијата апелира до граѓаните да внимаваат при движењето во природа и доколку најдат мамка никако да не ја допираат.

„Мамките се со кафена боја и наликуваат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките е сместена пластична капсула во која се наоѓа течна вакцина која содржи ослабен вирус на беснило како и биолошки маркер – тетрациклин кој се користи за утврдување на успешноста на вакцинацијата. Како одговорна институција апелираме мамката да не се допира, но, доколку сепак граѓаните дојдат во контакт со неа, неопходно е рацете да се измијат со голема количина сапун и вода, во траење од најмалку пет минути и задолжително веднаш да појдат на лекар“, апелира АХВ.

Вакцината содржи ослабен вирус на беснило и е наменета исклучиво за имунизација на лисици. Вакцината не смее да се применува за имунизирање на домашните животни.

„До сопствениците на домашните миленици апелираме во периодот на текот на кампањата како и во период од две недели по фрлањето на вакциналните мамки, да не се дозволи слободно движење на кучињата и мачките во регионите каде се врши или е извршена вакцинацијата. Ги потсетуваме сопствениците на домашни миленици кучиња и мачки дека имаат законска обврска да ги вакцинираат животните против беснило, болест која во Република Северна Македонија за последен пат е регистрирана во 2012 година“, порачува АХВ.