Македонија ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ сака да ја дефокусира јавноста од важните прашања

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ сака да ја дефокусира јавноста од важните прашања

ВМРО-ДПМНЕ ги демантира изнесените информации дека во разговорите околу изборниот законик, главен фокус на партијата била темата за распределбата на парите од изборите.

„Се работи за уште една фабрикувана лага, која е дел од стратегијата на СДСM за дефокусирање на вниманието од вистинските теми и од прашањата важни за граѓаните, како и од позициите што СДСМ ги застапува за време на преговорите, а кои се штетни за државата. СДСМ на тој начин мисли дека колку повеќе се шират невистини, толку побргу ќе се заборават нивните штетни предлози дадени на преговарчката маса“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата пишува дека за ВМРО-ДПМНЕ многу поважни биле прашањата поврзани со гласањето на дијаспората, регулирањето на работата на ДИК, обезбедувањето механизми со кои ќе се потврдат објективноста и довербата на изборниот процес.

„Темата со финансирањето на изборните кампањи и износот на средства што политичките партии можат да ги потрошат е тема за која партиите постигнаа согласност уште пред една недела и тоа е затворена тема“, реагираат од владејачката партија.