Македонија ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е во паника откако пропадна тезата за 150.000 непостоечки гласови

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ е во паника откако пропадна тезата за 150.000 непостоечки гласови

Разликата во поддршката што ја имаат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ изнесува околу 200.000 гласови. Таа разлика опстојува изминативе 10 години и се должи на мудроста на граѓаните да препознаат понуда на проекти и на просперитет од една страна и деструкција и афери од друга страна, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.

„Таа разлика ќе се потврди и на 5 јуни. Затоа СДСМ е во екстаза кога ќе се утврди дека макар и еден човек немал соодветни податоци во избирачкиот список, бидејќи тоа за нив значи дека поразот што го доживеале не е со 200.000 разлика, туку со 199.999 гласови. СДСМ е во паника откако медиумите објавија информации дека нивната теза за 150.000 непостоечки гласови, кои биле украдени, е целосна лага и манипулација. СДСМ е во паника затоа што се покажа дека ситните корекции во избирачкиот список можеле да се направат и да се стигне за изборите кои требаше да се одржат на 24 април. Единствената причина за одложувањето беше стравот на СДСМ од соочување со граѓаните. На сите им е кристално јасно дека во моментот СДСМ ги контролира двете најважни институции задолжени за спроведување на изборите, ДИК и МВР, и секој обид за пронаоѓање евтино алиби не им поминува ниту кај нивните партиски членови“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија додаваат дека изборите на 5 јуни и катастрофалниот јубилеен пораз на СДСМ само ќе потврдат дека досегашните избори не само што биле веродостојни, туку биле и реален сооднос на довербата што граѓаните им ја даваат на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ.