Македонија ВМРО-ДПМНЕ одлучила да не се враќа во Собранието

ВМРО-ДПМНЕ одлучила да не се враќа во Собранието

Партискиот врв на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешиот координативен состанок донел одлука нивната пратеничка група денеска да не се вклучи во работата на Собранието, јавува државната новинска агенција МИА.

Од партијата не кажуваат детали зошто е донесена таква одлука на координативниот состанок, кој завршил претпладнево околу 11 часот.

Оттаму велат дека во 13 часот пред Собранието изјава за медиумите ќе даде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој ќе соопшти што конкретно е одлучено на состанокот.

Инаку, Собранието напладне ја продолжува со работата по шест пленарни седници, кои останаа незавршени од минатата година. На една од нив на дневен ред е Законот за употреба на јазиците и именувањето на Осман Кадриу и Дарко Костадиновски за судии во Уставниот суд.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ речиси еден месец ја бојкотира работата на Собранието во знак на револт поради притворањето на шестмина пратеници осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, минатата година.