Дописници ВМРО-ДПМНЕ не открива колку пари чини новото седиште во Битола

ВМРО-ДПМНЕ не открива колку пари чини новото седиште во Битола

Разгранокот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во Битола не открива колку пари платила партијата за новото партиско седиште сместено во строгиот центар на градот. Портпаролот на битолскиот разгранок, Валентина Марковска, на денешната прва прес-конференција во новите партиски простории вели дека нема податоци ниту со колкав простор располагаат, ниту, пак, колку пари се платени за седиштето. Сепак, вети дека тоа ќе го направи подоцна и информацијата ќе ја испрати до медиумите по електронска пошта.

– Со оглед на бројноста на членството на партијата, имавме потреба од поголем простор за подобро да функционираме – рече Марковска.

На првата прес-конференција во новиот општински комитет говореа директорите на јавните претпријатија „Пазари“ и „Водовод“ и на индустриската зона Жабени. Но, како што ги презентираа работите, така си заминуваа од прес-конфенецијата, па на крајот остана само директорот на индустриската зона Жабени, Саше Илковски. На прашање од новинарите како функционира Општината по притворањето на градоначалникот Владимир Талески, тој рече дека се координираат со Општината и сè функционира како што треба. Илковски не сакаше да открие кој е сега шеф во Општината и од кого добиваат инструкции.