Македонија ВМРО-ДПМНЕ ќе организира стража на гробот на Гоце Делчев на 4 февруари,...

ВМРО-ДПМНЕ ќе организира стража на гробот на Гоце Делчев на 4 февруари, СДСМ реагираат

Извор на фотографија: Влада на РСМ

Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, односно нејзиниот Патриотски институт, ќе организираат „херојска стража“ на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“ во Скопје на 4 февруари. За ова денеска информираше Александар Пандов, претседател на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ на денешната трибина во Штип насловена „Гоце е Македонија“.

Пандов на трибината истакна дека криминалната влада на СДСМ и ДУИ со водење на попуслива политика кон бугарската страна дозволила негација на македонската историја, јазик и култура, потенцирајќи дека ВМРО-ДПМНЕ е браникот на македонштината и патриотизмот и токму поради тоа тие се организираат.

„ВМРО-ДПМНЕ е браник на македонштината и патриотизмот и ние не смееме ниту по една цена да им го дозволиме да го направат тоа во Скопје. Ова е многу важен настан и исклучително важно е ние на 4-ти февруари да се појавиме во што поголем број пред црквата Св. Спас во Скопје од 07:00 часот наутро“, изјави Александар Пандов.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски пак денеска побара од власта да ги испитала наводите дека странски агентури се вмешани во провокациите кон Македонија и побара да се истражи финансирањето на бугарските клубови во земјава.

Од владејачката партија СДСМ денеска реагираат, повикувајќи ги ВМРО-ДПМНЕ да престанат да им служат на туѓите интереси и да работат против европскиот пат на земјата.

„Сите учесници во инцидентот во Охрид се членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ. Слики со Мицкоски, со Николовски. Едниот од напаѓачите е дури и вработен во администрацијата на градоначалникот на Охрид, Пецаков, исто така од ВМРО-ДПМНЕ“, стои во соопштението на СДСМ.

Од владејачката партија додаваат дека на нашата земја во моментов не ѝ треба потпалување на атмосферата.

„За инцидентот во Охрид институциите реагираа брзо, МВР успеа веднаш да ги пронајде напаѓачите и да постапи соодветно. Согласно со пријавите постапува и ОЈО кое има надлежност во овој случај. Насилство од било каков тип е неприфаталиво, исто како што се неприфатливи сите обиди за попречување на европскиот пат и навредите на чувствата на македонските граѓани“, велат од СДСМ.