Македонија ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува и дополнува Статутот на партијата

ВМРО-ДПМНЕ ќе го менува и дополнува Статутот на партијата

Статутарната комисија почнува постапка за измена и дополнување на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, информираат од партијата.

Од таму велат дека оваа постапка е „согласно заложбите на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски за зацврстување на партиските органи, нивната независност и дополнителна демократизација на партијата“.

„Врз основа на фактот што внатрепартиската иницијатива за реформи во текот на месец јуни 2017 година има доставено до Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, предлог- декларација за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ и предлог-измени на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ, ги повикуваме со свои претставници да земат учество во работата на Статутарната комисија, со цел усогласување на ставовите за предметните измени. Истовремено ги повикуваме сите тела на партијата, како и членови кои што сакаат да учествуваат во процесот на демократизација на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ со свои предлози да се обратат до Статутарната комисија на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.

Во него се додава дека „целта на ваквата постапка е постигнување на поголема ефикасност на делувањето на органите на партијата, зајакнување на партиските органи, и поголема независност во донесувањето на одлуките од страна на истите“.

„Секоја промена ќе биде направена низ процес на отворен внатрепартиски дијалог и консултација, како и користење на позитивните искуства на демократските десничарски сестрински партии од Европа“, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.