Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Ескалира деструктивното сценарио на СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ: Ескалира деструктивното сценарио на СДСМ

„Ескалира деструктивното сценарио на СДСМ, кој преку општинската организација од Кавадарци најави дека ќе го запали Уставниот суд. Вчера Заев и СДСМ и официјално признаа дека се организатори на хајката и на агресивните протести насочени кон Уставниот суд на Република Македонија. Ниту Шилегов ниту СДСМ се оградија од заканите дека ќе ги влечат за уши судиите и дека ќе ги креваат на клоци ако не подлегнат на срамните притисоци на СДСМ“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, кој обвини дека против Илија Ивановски, брат на судијата во Уставниот суд, Никола Ивановски, во 2013 година е поднесена кривична пријава.

„Ниту Шилегов ниту СДСМ не се оградија од средниот прст што го покажаа преку своите невладини платеници на институцијата која е чувар на Уставот, највисокиот правен акт во Република Македонија. СДСМ правниот поредок го замислува како во оние денови во кои за 10 минути менуваше 617 судии и стотици обвинители. За СДСМ судот е добар само доколку не постапува во случаите за корупција и за напад врз институциите на државата на неговото раководство. Ако судот постапува, СДСМ веднаш почнува со срамен и скандалозен напад и со притисок врз институциите. На мета на СДСМ не е Наташа Габер-Дамјановска, сестра на Виктор Габер од СДСМ. На мета на СДСМ не е ниту Гаврил Бубевски, десната рака на Катица Јанева и кумашин на Филип Медарски, адвокат на аболираниот криминалец Зоран Заев“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, се вели во реакцијата, во 2009 година беше против измените на закон предложени од ВМРО-ДПМНЕ и тврдеше дека се неуставни и дека Уставниот суд ќе ги поништи.

„СДСМ денеска ќе протестира за останување на сила на измените предложени од ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ го има истиот став по ова прашање како и во 2009 година. СДСМ е тој што ги менува ставовите во зависност од деструктивното сценарио од Бихаќка кое е на сила. Од ваквата невидена деструкција на СДСМ се срамат сите граѓани на Република Македонија. Ваквите бесрамни манипулации и конструкции не поминуваат кај граѓаните. Граѓаните го прочитаа СДСМ и намерите да ги напаѓа институциите за да ги спроведува своите деструктивни планови“, стои во соопштението.