Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Договорот со Бугарија е асиметричен, Македонија е оштетена

ВМРО-ДПМНЕ: Договорот со Бугарија е асиметричен, Македонија е оштетена

СДСМ, спротивно на ставот на експертите и и без присуство на опозицијата во Собранието, одлучи на своја рака, заради нивни политички интереси да го истурка договорот со Бугарија, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев на прес-конференција во седиштето на партијата.

– Власта, спротивно на интересите на македонскиот народ ратификуваше целосно асиметричен договор во однос на правата и обврските што ги имаат двете страни. Во овој договор Република Македонија е оштетена и затоа истиот еуфорично е поздравен само во соседна Бугарија. Договорот има сериозни пропусти и не го дефинира македонскиот народ како реална и идентитетска посебност. Македонија своеволно се откажа и од македонското малцинство оставајќи илјадници луѓе на цедило. СДСМ со овој договор сам го негира постоењето на македонскиот јазик и дозволува истиот да биде ословуван како јазикот според Уставот – вели Данев.

Според ВМРО-ДПМНЕ, со овој договор и е овозможено на Бугарија да ја блокира Македонија на секој чекор кон ЕУ, доколку тие оценат дека одреден дел од договорот не е исполнет.

– Ситуација во која една страна или нејзиниот народ ќе се чувствува поразен или понижен дефинитивно не е патот по кој треба да се гради соработката. ВМРО-ДПМНЕ има позитивен став за односот на Македонија кон Република Бугарија и е за продлабочување на врските помеѓу двете држави преку градење на мостови – додава Данев.