Главна секција ВМРО-ДПМНЕ до ДУИ: Нема да дозволиме двојазичност и продолжен мандат на СЈО

ВМРО-ДПМНЕ до ДУИ: Нема да дозволиме двојазичност и продолжен мандат на СЈО

Независно на исходот околу составувањето влада во следниот период, дали таа ќе се формира и кој ќе ја формира, ВМРО-ДПМНЕ нема да преговара и нема да дозволи промена на Уставот за воведување двојазичност на целата територија на државата и за продолжување на мандатот Специјалното јавно обвинителство (СЈО), стои во реакцијата на партијата по повод вчерашното соопштение на ДУИ.

„Причините досега се образложени повеќепати во јавноста, а се темелат на заложбата за унитарна држава, заштита на уставниот поредок, нашите политички заложби изнесени во предизборниот период, Охридскиот рамковен договор, како и на договорот од јуни-јули 2015 (Договорот од Пржино, н.з.) кој оваа коалиција доследно го почитуваше како што беше договорено и потпишано и нема намера да го менува“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека СЈО е политички инструмент во „рацете на еден центар на моќ и нивните домашни инструменти за уцена на секој политичар кој ќе се бори за националните интереси на македонскиот народ и за државните интереси на Македонија и на нејзините граѓани“.

„СЈО е копче кое ќе биде стиснато секогаш кога кој било ќе се осмели да не игра така како што некој однадвор му сервира и диктира. СЈО е алатка со која се деградира и се негира суверенитетот и независноста на македонската држава. СЈО не е независно и непристрасно и нема никаква врска ни со правото ни со правдата. СЈО е инструмент за продолжување на кризата и за држење на Македонија во заложништво и затоа ние никогаш нема да се согласиме Македонија да продолжи да се држи во заложништво и да постои инструмент за дисциплинирање на секој што се бори за заштита на националните и на државните интереси. Недозволувањето да се продолжи мандатот на СЈО не е страв, туку храброст и пркос“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата на Али Ахмети по вчерашната седница на централното претседателство на ДУИ, соопштија дека рамноправната употреба на службениот албански јазик, интеграцијата во НАТО и во Европската Унија, како и продолжување на мандатот на Специјалното јавно обвинителство за расветлување на сите сомнежи што произлегуваат скандалот со прислушувањето, „се целите кои како услови не можат да бидат предмет на преговарање“.