Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Деструктивноста на Заев нема граници

ВМРО-ДПМНЕ: Деструктивноста на Заев нема граници

„СДСМ е во длабока параноја и шок поради отсуството на ефект од настапите и немањето интерес и поддршка од народот, но и зашто деструктивноста на Заев нема граници“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на претседателот на општинската организација на СДСМ во Кавадарци.

„Во денешното објавување на креираните, сечени и монтирани материјали, преку кои Заев продолжува да одработува за своите нарачатели, може да се види дека и покрај обидите за давање контекст и наратив на објаснувачот, нема апсолутно никаква импликација за какво било незаконско работење, ниту, пак, нелегално, туку само еден мрачен и срамен порив на Заев и на тесната клика околу него да пласираат креирани и монтирани материјали за да си ги потхранат нивните ниски страсти, за да може потоа да озборуваат, муабетат и да се ситат на приватните животни предизвици што ги имаат некои граѓани“, стои во реакцијата на владејачката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека јавноста ниту ги поддржувала ниту во иднина ќе ја поддржи „срамната агенда и сценарио во кое покрај тоа што Заев нанесува штета на Република Македонија, грубо се меша во приватноста и нанесува штета на животите на граѓаните на нашата земја“.

„Јасно е за сите во земјава, но и во меѓународната заедница, и веќе тоа сè поотворено се говори, дека Зоран Заев не е ништо друго освен политичар во заминување и синоним за криминално работење, површна и нестабилна личност, која работи против сопствената држава и народ“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.