Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Буџетот за Град Скопје е правен во целосно транспарентна постапка

ВМРО-ДПМНЕ: Буџетот за Град Скопје е правен во целосно транспарентна постапка

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ смета дека предлог-буџетот на Град Скопје за 2016 година е буџет кој ќе одговори на барањата и на потребите на граѓаните на Скопје.
Слободанка Алексовска, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, вели дека станува збор за развоен буџет, со голем број капитални проекти и инвестиции, кои значително ќе го подобрат животот на жителите на Скопје.

– Дека тоа е така, зборува и фактот дека за капитални расходи се предвидени 3.190.380.000 денари или 46,3 проценти од вкупниот предлог-буџет на Град Скопје за 2016 година. Во него се опфатени проекти во сите облати кои се во надлежност на Град Скопје. Со него се предвидени реконструкција и изградба на улици и на булевари, изградба и реконструкција на велосипедски патеки, изградба и реконструкција на водоводна, атмосферска и фекална мрежа, а за реализација на овие проекти се предвидени околу 2,5 милијарди денари – вели Алексовска.

Координаторката на советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје вели дека буџетот е правен во целосно транспарентна постапка и дека станува збор за буџет кој треба да им излезе во пресрет на жителите на Скопје.

– Овој буџет е правен во долга, транспарентна постапка, во чие правење се вклучија сите политички партии застапени во Советот на Град Скопје, како и сите 10 општини преку давање предлози за проекти кои тие сметаат дека е неопходно да се реализираат. И граѓаните се вклучија во процесот на креирање на буџетот на Град Скопје, преку нивните најнепосредни претставници, претставниците од урбаните и од месните заедници, кои се вклучени во процесот на работа на Град Скопје и неговите јавни претпријатија и кои преку редовните контакти и средби ги наведуваат најприоритетните проекти што треба да се реализираат во нивните населени места – додава Алексовска.