Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Бочварски да ги провери состојбите со снегот во Струмица и во...

ВМРО-ДПМНЕ: Бочварски да ги провери состојбите со снегот во Струмица и во Куманово

Наместо да тера политика, Благој Бочварски треба прво да ги провери состојбите во општините Струмица и Куманово, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Благој Бочварски од СДСМ дека состојбата поради студот и снегот е показател за негрижата на власта за граѓаните.

„Токму во овие општини не се исчистени градските улици и патиштата до околните села. Бочварски нека погледне какви се патиштата до селата Рич, Пчиња, Винце, Вакав, Пезово, Кокошиње, Павлешенце, Брсјак, Колицко, Скачковце и други. За каква одговорност зборува Бочварски кога во овие општини владее ледена доба“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека СДСМ се обидува својот изборен неуспех да го дефокусира со лаги и со манипулации.

„Благој Бочварски се обидува со манипулативни настапи да фрли дамка на институциите кои макотрпно работат на терен и да ги плаши граѓаните со црни сценарија. СДСМ не сака да види дека цела Европа, а не само регионот и Македонија, се соочуваат со екстремни временски услови. Благодарение на посветената работа на надлежните институции, нема поголеми сообраќајни застои, ниту отсечени градови како што има во други земји. Додека СДСМ и Бочварски денеска ги навредуваат надлежните институции и нивниот труд и ангажман, тие посветено работат на терен. Кога ќе се врати дома Бочварски по патот кој вработените од надлежните институции го чистат, ќе сфати дека лажно ги обвинувал“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека денешната прес-конференција на СДСМ е само паушална и неаргументирана лага.