Главна секција Власта и опозицијата со меѓусебни препукувања за министерот Тодоров

Власта и опозицијата со меѓусебни препукувања за министерот Тодоров

Владеjачката партија ВМРО-ДПМНЕ го осуди инцидентот на Клинички центар во кој со пиштол беше ранет лекар и побара настанот да не се злоупотребува за политички цели. Од опозицијата, пак, обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ лицемерно и срамно го брани Тодоров.

„Бараме да престане инструираната политичка и медиумска хајка, која неколку месеци по ред се води од СДСМ и од соросовите медиуми против медицинскиот персонал и здравствените установи бидејќи на тој начин се генерализира и се девалвира работата на здравствените работници. СДСМ и нивните медиуми треба да бидат свесни дека нивната црна кампања може да доведе до немили настани како денешниот“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ за лицемерство затоа што, според нив, и пациентите и лекарите побарале оставка од Тодоров, а само ВМРО-ДПМНЕ лицемерно и срамно го брани.

„Доколку навистина ВМРО-ДПМНЕ мислеше на лекарите, прво немаше да го дозволи овој хаос, целосно урнат здравствен систем, руинирани болници, починати родилки и бебиња, девалвирање на пациентите и на лекарска професија, пукање врз лекарите по клиниките. Никола Груевски потроши 630 милиони евра за споменици, а според достапните информации, на крајот на јуни 2015 година, долговите на клиниките надминуваат неверојатни 51 милион евра. Јавните здравствени установи, пак, должат, 70 милиони евра. Никола Груевски и Никола Тодоров се главните виновници за хаосот во здравството и за нефункционирањето на системот. Никола Тодоров мора веднаш да поднесе оставка“, велат од СДСМ.