Македонија Владата почнува со изработка регистар на население

Владата почнува со изработка регистар на население

Владата на Република Македонија на денешната редовна 29. седница, меѓу другите точки на дневниот ред, донела одлуки во врска со планираниот регистар на население, односно била усвоена информација за статусот на спроведување на проектот „Регистар на население“, за кој, како што се вели во владиното соопштение, се очекува во иднина дури и да го замени пописот.

Истовремено, Владата го задолжила Министерство за информатичко општество и администрација да спроведе активности за изработка на решение за регистарот до јули 2018 година.

Исто така, на предлог на Министерството за внатрешни работи, била усвоена информацијата за потребата од формирање меѓуресорска работна група за планот за реализација на препораките на групата високи експерти во врска со следењето на комуникациите.

„Заради вклучување и на научната јавност во конципирањето на идните чекори во спроведување на оваа сеопфатна реформа на законскиот и институционалниот систем за следење на комункациите, предвидена и во планот „3-6-9“, се предлага во сите постапки преземени од меѓуресорската работна група да учествуваат и претставници од научната и од стручната јавност – експерти од областа на кривичната постапка, Народниот правобранител, како и претставници на граѓански организации од оваа област и од областа на човековите права“, се вели во соопштението од Владата.

На денешната седница исто така било договорено до следната седница да се подготви предлог за краткорочни и за долгорочни решенија за фабриката за шински возила „Колска“ во Велес и за исплата на заостанатите плати на вработените во ова друштво во кое удел има и Владата на РМ.

На 29. седница на Владата е разгледана и усвоена и информацијата за финансирање на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води за Градот Скопје.