Свет Владата и претседателот на Јемен поднесоа оставки

Владата и претседателот на Јемен поднесоа оставки

Владата и претседателот на Јемен, Абдрабух Мансур Хади, вечерва поднеле оставки на своите функции среде напнатата ситуација со шиитските бунтовници познати како Хути, соопштиле официјални претставници на Јемен, јавуваат светските медиуми.

Како што наведува „Си-Ен-Ен“, оставките следуваат откако владата и Хутите постигнале пробен мировен договор за прекин на повеќедневните нереди.

Веста за оставката на претседателот на Јемен била објавена кратко по соопштението на официјален претставник на јеменската влада дека премиерот Калед Абдулах Бахах поднел оставка заедно со целиот негов кабинет.

Хутите, кои сочинуваат околу 30 отсто од населението на Јемен, во септември минатата година зазедоа голем дел од територијата на државата, вклучувајќи го и главниот град Сана.

Изминатите денови тие го грабнаа шефот на кабинетот на претседателот, како што соопштиле, за да го спречат планираниот состанок за новиот Устав со кој се предвидува поделба на земјата на шест федерални региони.