Македонија Владата донесе уредба со која се овозможува и приватните болници да лекуваат...

Владата донесе уредба со која се овозможува и приватните болници да лекуваат болни од ковид-19

Infectious Diseases and Febrile Conditions Clinic in Skopje. Photo: Arbnora Mehmeti, Meta.mk

Владата на денешната седница ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба.

„Со ова, и приватните здравствени установи, во рамките на вршењето на дејноста за интензивна нега и терапија, ќе можат да укажуваат здравствени услуги и за заразната болест корона вирус ковид-19 за пациентите примени во установата кај кои во текот на укажувањето на здравствените услуги за дијагностицирање, лекување, третман, нега и рехабилитација во установата е утврдено присуство на причинителот Sars-Cov-2 вирус за заразната болест ковид-19,“ информираат од владината прес-служба.

Заболените лица од ковид-19 досега можеа да се лекуваат единствено во јавните здравствени установи во земјава. Поради континуираното зголемување на бројот на новозаболени лица, изминативе денови овие болници имаат зголемен процент на исполнетост на своите капацитети.

Според податоците на Министерството за здравство, заклучно со денешниот ден, на Инфективната клиника вкупно се хоспитализирани 90 пациенти. До утрово, во ГОБ „8 Септември“ вкупно се хоспитализирани 120 пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани 27 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 21 пациент. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 74 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19.