Економија Владата ќе лови инвеститори во стратешки проекти до крајот на јануари 2021...

Владата ќе лови инвеститори во стратешки проекти до крајот на јануари 2021 година

Владата, врз основа на заклучок од редовната 48 седница, денеска го објави јавниот повик за поднесување барање за утврдување на статус на стратешки инвестиционен проект, информираат од владината прес-служба. Рокот за пријавување на објавениот повик е 31 јануари 2021 година.

„За стратешки инвестициони проекти се сметаат инвестиции во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на најмалку две или повеќе општини, инвестиции од најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во градот Скопје и градот Скопје и инвестициони проекти од најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село“, информираат од владата.

Од Законот за стратешки инвестиции произлегуваат критериумите, условите и постапката за пријавување, утврдување на статус, избор, подготовка и реализација на инвестициони проекти од највисок стратешки приоритет за државата и има за цел да поттикнува, привлекува и создава услови за спроведување на стратешките инвестиции во земјава, зголемување на економски пораст, вработување и примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентските економски можности, зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит и подобрување на добросостојбата и условите за живеење на граѓаните.

Статусот на стратешки инвестиционен проект може да се утврди за проекти од областите на енергетика со инфраструктура, транспорт и комуникации, туризам, преработувачка индустрија, земјоделство, шумарство и водостопанство, прехранбена индустрија, здравство, индустриски и технолошки паркови, управување со отпадни води и отпад, информатичко-технолошки зони, спорт, наука и образование, како и градење на големи мултифункционални градежни комплекси на градежни објекти кои имаат во својот состав повеќе од една област од областите наведени во оваа точка.

Јавниот повик е објавен на веб страницата на Владата на Република Северна Македонија, а ќе биде објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и во најмалку три реномирани меѓународни економски списанија.