Ctrl - Z Видео игри со боречки вештини: серијал Текен

Видео игри со боречки вештини: серијал Текен

Естетиката на боречките вештини преставена во видео игри знае да биде претерана, но има неколку видео игри коишто се извонренди таканаречни „тепачки игри“ (fighting games). Денес ви ја препорачуваме најдобрата -играта Tekken 7.

 

Во Текен (што инаку на јапонски значи „железна тупаница“) серијалот се издвојуваат три верзии на играта коишто се најигриви, а тоа се Текен 3 за PlayStation 1, Tekken Tag Tournament за PlayStation 2 и Tekken 7 што актуелно се игра и сега на светски и локални гејминг турнири и на компјутери и на конзоли.

Можеби ќе се запрашате како денес би играле игри на конзоли што не се произведуваат веќе како PlayStation 1 и 2, но за PS постои ретро компатибилност (backwards compatibility) па можете да речеме на PS3 да играте игри од PS1. 

Текен 7 можете да ја купите од Steam каде е на 85% попуст до 4ти октомври (Понеделник) и чини само 6 евра наместо редовната цена од 40 евра. На самите светски и локални турнири има играчи што преферираат да играат на тастатура наместо со контролер, а „Стим“ верзијата е наменета за компјутер и секако пак можете да приклучите контролер доколку го имате. 

Во Текен серијалот има неколку впечатливи ликови кои преставуваат различни боречки вештини. 

Ликот на Ло (Law) е копија на Брус Ли и е најбрз лик со раце, задава брзи удари и несопирливи комбинации превземени од Винг-Чунг Кунг-фу и од Џит-Кун-До вештината на Брус Ли. И самиот Брус Ли во својата книга „Џит-кун-до” вели дека „не е важно како изгледа ударот туку колку е ефикасен“ или поточно „естетиката не е важна, само ефикасноста“. Ова секако не важи секогаш и за видео игрите затоа што најатрактивните удари знаат да бидат и најдобри. Сепак, во игрите се работи за фантазиски приказ на вештините со многу претерувања. 

Ликот на Хваранг или Хоаранг (Hwoarang) e наречен така според корејските борци од среден век што биле пандан на јапонските самураи. Тој ги преставува вештините Тае-Квон-До(боречка вештина со нозе) и Хапкидо(вештина со потези за самоодбрана) кои се корејски боречки вештини и е најдобар во употребата на нозете за удари. И овој лик има несопирливи комбинации, но со удари со нозе кои се сврзуваат во комбоа што може да ја одземат енергијата на противникот многу брзо. Исто така ова е и еден од најчесто одбираните ликови, а кај нас по освојувањето на нашиот репрезентатитвец Дејан Георгиевски на сребрен медал на Олимписките игри во Токио годинава интересот за Тае-Квон-До се зголеми драстично кај младите. Еден од изгледите што се отклучуваат и бираат за Хоаранг е и Тае-Квон-До „кимоно“ што корејците го викаат „добок“. Името на вештината е Тае (скок и удар со нога) Квон (тупаница) До (начин, пат), за упатените беше малку лошо што коментаторите на телевизија го викаа спортот “Тајквондо” а поправилно и е скратената верзија – “Теквондо” а најправилно “Тае-Квон-До”.

Трет интересен лик е Еди, еден од ликовите кај кои и да се стискаат копчиња „на рандом“ ќе прави чуда со вештината Капуера. Ударите се атрактивни со многу гимнастика, вртења, танц и удари со нозе и раце и се базира на конктинуирано движење. Приказната е дека оваа вештина „Капоера“ или „Капуера“ е настаната во заробенишво на африкански робови во Бразил во 16 век каде им било забрането да тренираат боречки вештини и тренирањето го замаскирале со играње и свирење со инструменти и така вежбале.    

Lei е лик што е копија на Џеки Чен, потсеќа на него во изгледот и дури има и облека што може да се избере во која личи на полицаец „во цивилка“ со значка на појасот. Ова е секако референца на еден од најпознатите филмови со Џеки Чен – наречен „Полициска приказна“ (Police Story) што фигурира во топ 20 листата на (за него) најдобри филмови според Квентин Тарантино. Кога сме кај Квентин Тарантино неговите филмови се пренасилни, но и ја пренесуваат пораката за тоа колку е глупаво насилството воопшто – затоа и така ненадејно и глупаво се случува во неговите филмови.

Но, како што е правило во сите боречки вештини да не се употребуваат никогаш за напад туку само за самоодбрана во краен случај, тоа не важи за игрите – во игрите сите сакаат да ги испробаат сите можности и што помоќни да бидат со ликовите. Ликот на Леи практикува Шаолинско кунг-фу и има неколку стилови што може да ги прави меѓу кои се чапја, тигар, змија и други што нудат различни напади со различна брзина. Легендата за Шаолините вели дека тие самите ги развиле боречките вештини гледајќи ги животните во природата околу нивните храмови и имитирајќи ги нивните движења.  

Има цела плејада на други ликови со секакви вештини, но овие четири споменати ликови ги покриваат главните боречки вештини.