Македонија Вицепремиерот Николовски најави дека ќе побара разрешување на директорката Димова

Вицепремиерот Николовски најави дека ќе побара разрешување на директорката Димова

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски вчера најави дека ќе побара разрешување на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова по неодамнешните пишувања во медиумите за наводни злоупотреби на средства.

„Директорката Лидија Димова смета дека не треба да даде оставка, но јас имам спротивен став. На наредната владина седница ќе побарам оставка и разрешување на директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност“, вели Николовски.

Како што појаснува тој, државата е во фаза на преговори со ЕУ кога и се отвораат сите фондови, па затоа законот мора да важи за сите, бидејќи никој не е недопирлив.

„Секако постои пресумпрција на невиност, но Етичкиот кодекс за чиешто спроведување сум задолжен јас, а со кој се опфатени членовите на Владата и избраните функционери предвидува и санкции, како и поднесување на политичка и морална одговорност. Со ова разрешување сакаме да пратиме порака до сите дека навистина сме спремни да се бориме против корупцијата, дека немаме двојни аршини, сме добиле огромна чест и одговорност од граѓаните, која мораме да ја оправдаме“, додава Николовски.