Македонија Величковски: Да покажеме дека сме ја научиле лекцијата од нашата интелектуална иднина

Величковски: Да покажеме дека сме ја научиле лекцијата од нашата интелектуална иднина

Претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски, упати повик до сите либерали, членови и симпатизери на партијата, како и до слободоумните и до партиски неопределените граѓани да присуствуваат на студентскиот марш во организација на „Студентски пленум“.

„За 10 декември е закажан студентски марш во организација на „Студентски пленум“. Студентите се спротиставуваат на владиното решение за т.н. „екстерно тестирање во високото образование“. Тие имаат легитимна цел и бараат да не се воведе еден непродуктивен механизам на преоценка на нивното високо образование низ брзоплето и нелегитимно менување на законската регулатива. За Либералната партија ова барање на студентите е оправдано затоа што сметаме дека доволно се експериментираше во образованието и со учениците, студентите, нивните родители и со наставно-научниот кадар“, се вели во повикот на претседателот на ЛП, Ивон Величковски.

Тој додава дека партијата не е организатор на оваа активност, но упатува повик да се поддржи целта на студентите без партиско експонирање и без партиски обележја, без повици на нетолеранција по каква било припадност и со почитување на редот пропишан од организаторот.

„Студентската младина нè потсетува дека легитимната цел, добронамерната мисла и отворениот ум се мотивирачки фактор за многумина. Почитувани истомисленици, да покажеме дека сме ја научиле лекцијата од нашата генерациска и интелектуална иднина“, стои во соопштението од ЛП.