Македонија Вељаноски на „Фејсбук“: Немаше никакво примопредавање на функцијата на Џафери

Вељаноски на „Фејсбук“: Немаше никакво примопредавање на функцијата на Џафери

Досегашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, кој беше и претседавач со конститутивната седница по изборите, на својата фејсбук-страница напиша дека немало примопредавање на функцијата помеѓу него и новоизбраниот претседател, Талат Џафери.

„Не, немаше никакво примопредавање на нелегитимно и неуставно избран претседател на Собранието“, напиша Вељаноски, како коментар на споделеното соопштение од Собранието за првиот работен ден на Џафери како претседател на законодавниот дом.

Вељаноски беше претседател на Собранието речиси осум години. Тој на функцијата стапи на 21 јуни 2008 година по одржаните парламентарни избори и како претседател на законодавниот дом се води сè до 30 декември 2016 година, кога се одржа првото продолжение на конститутивната седница.

Тој изминатите два месеци ја имаше улогата претседавач со Собранието, сè до изборот на Талат Џафери на 27 април, кога група граѓани насилно упаднаа во Собранието и повредија неколку пратеници и новинари.