Македонија Вечерва сите мерни станици покажуваат многу високо ниво на аерозагадување

Вечерва сите мерни станици покажуваат многу високо ниво на аерозагадување

Многу висока концентрација на канцерогените ПМ10-честички вечерва е измерена на речиси сите мерни станици на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Мерните станици во Центар, Карпош, Гази Баба, Ректорат, Битола 1, Кичево, Тетово, Велес, Кочани и во Кавадарци покажуваат многу високо ниво на загаденост, мерната станица во Битола 2 покажува високо ниво, а во Миладиновце ниско ниво на загаденост.

Освен високо ниво на ПМ10-честичките, многу високо ниво е измерено и на ПМ2,5-честичките во Карпош и во Центар, единствените две станици каде што се мери нивото на овие честички.

Во Тетово во 20 часот измерени се 500 микгрограми ПМ10-честички на еден кубен метар од дозволените 50 микрограми. Во 16 часот беа измерени 900 микрограми на еден кубен метар, што е за 18 пати повеќе од дозволеното.

Во Центар, Карпош, Кочани и во Битола во 20 часот измерени се 300 микрограми, а во Лисиче, Гази Баба и во Велес – 200 микрограми на еден кубен метар.