Македонија Вчера се аплицирани 15.756 вакцини, прва доза примиле 2.067 граѓани

Вчера се аплицирани 15.756 вакцини, прва доза примиле 2.067 граѓани

Фото: МОН

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, велат од Министерството за здравство. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 437.339 граѓани.

„На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 241.368 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.067 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 15.756 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 362.710 дози вакцини, а ревакцинирани се 121.342 лица. Со последните бројки 47 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, а 41 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Вакцинацијата се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.