Дописници Варошанецот Петар Рупески – среќниот фаќач на крстот во Охрид

Варошанецот Петар Рупески – среќниот фаќач на крстот во Охрид

Петар Рупески, 26-годишен охриѓанец од населбата Варош во старото градско јадро, е среќниот фаќач на светиот крст за годинава во македонскиот Ерусалим.

Тој третпат успева да доплива до крстот, кој денеска во осветените води го фрли митрополитот дебарско-кичевски, Тимотеј.

Рупески посака здравје, среќа и бериќет во текот на целата година.

– Нема посебен чин при фаќањето на крстот. Како верници цела година духовно се подготвуваме за овој ден и кога ќе дојде денот, само со верба пристапуваме – рече Рупески.

Ладното време и ниската температура на водата од минус 6 Целзиусови степени, не ги поколеба верниците. Повеќе од 500 лица одлучија да се искапат во осветената вода и да се обидат да го фатат светиот крст.

Голем број православни верници го посетија Охрид и присуствуваа на централната манифестација на осветувањето на водите на Охридско Езеро. За присутните на охридското пристаниште и годинава традиционално се делеше топла ракија и вино.

Верниците наполнија и осветена вода, која ја понесоа во своите домови, за здравје и како чувар од секакви искушенија.

Денеска православните верници го слават еден од најголемите христијански празници Богојавление – Водици. Чествувањата утрово почнаа со света архиерејска Василева литургија во црквата „Св. Богородица“ – Каменско, како и во сите парохиски цркви во Охрид.